Собраниска комисија утре влегува во АНБ
Пратениците утре на увид во АНБ. Скендер Реџепи ќе ја води собраниската комисија, но без безбедносен сертификат ќе остане во парламентот. Партиите продолжуваат со обвинувањата…

Власта и опозицијата во клинч околу наводите за незаконско следење од страна на Агенцијата за национална безбедност. Собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање утре ќе одржи седница. Според договореното, со неа треба да претседава претседателот на комисијата, Скендер Реџепи.
„Самите дојдоа до договор и јас го почитувам тоа. Истиот ден, по седницата, оние членови на комисијата кои имаат безбедносни сертификати, ќе одат во надзорна посета на АНБ“, брифира претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Опозициската СДСМ инсистира на итна декласификација на сите документи поврзани со случајот, тврдејќи дека премиерот Мицкоски се плаши од содржината на материјалите. Според СДСМ, власта бега од објавување на вистината за да прикрие сомнителни активности или влијание од странски служби.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го смета барањето на СДСМ за блеф со кој се обидуваат да ги заштитат организаторите на прислушувањето.
Јавното обвинителство објави дека тим обвинители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција биле во Агенцијата за национална безбедност.
Според Обвинителството, бидејќи станува збор за обемна и чувствителна документација, врз основа на која мора да се добијат релевантни документи, контролата ќе трае во наредниот период, додека ќе се преземат и други предистражни дејствија.
Игор Панов
