Франција пред нова политичка и економска криза
Премиерот Бајру поднесе оставка по само девет месеци, откако неговата влада не доби доверба во парламентот. Тој самиот иницираше гласање за да стави крај на ќорсокакот околу буџетот за штедење вреден 44 милијарди евра. Француските влади со години се соочуваат со отпор при обидите за економски реформи...

Франција пред нова политичка и економска криза. Премиерот Бајру поднесе оставка по само девет месеци, откако неговата влада не доби доверба во парламентот. Тој самиот иницираше гласање за да стави крај на ќорсокакот околу буџетот за штедење вреден 44 милијарди евра. Бајру предупреди дека Франција се соочува со сериозни фискални ризици и политичка нестабилност, во време на штрајкови и поделен парламент.
„Најголемиот ризик беше да не се преземе, да се дозволи работите да продолжат без ништо да се промени, и да се продолжи како и обично. Имате моќ да ја соборите владата, но не и да ја избришете реалноста. Сегашната реалност е дека веќе неподносливиот долг ќе се зголеми уште повеќе и ќе стане сè поскап“, изјави Франсоа Бајру, премиер во заминување на Франција.
Француските влади со години се соочуваат со отпор при обидите за економски реформи, бидејќи и левицата и десницата веднаш се спротивставуваат и бараат избори. Тие сметаат дека новиот премиер мора да ја напушти досегашната политика или ќе се соочи со ново гласање недоверба.
„Следниот премиер нема друга опција освен да раскине со политиката што ја водеше во изминатите осум години. Или истите причини ќе доведат до истите последици, а тоа би довело до ново гласање за недоверба на владата. Ни треба стабилност, ни треба буџет“, истакна Џордан Бардела, претседател на крајнодесничарската партија „Националниот собир“.
„Заврши агонијата на фантомската француска влада“, рече Марин ле Пен-Национален Собир на Франција.
„Она што го покажува резултатот, дури и надвор од владата на Бајру, е измамата на народот на Макрон што излегува на виделина-само една третина од парламентот му даде доверба на премиерот. Ова значи дека политиката на Макрон е во служба на богатите и на социјалната војна против народот“, изјави Матилда Пано, претседателка на крајно левичарската група „Непокорена Франција“.
Лидерот на Социјалистичката партија го предизвика Макрон да се ангажира со левицата, велејќи дека Французите не можат да бидат оставени на крајната десница како единствена алтернатива. Тврдат – подготвени се да преземат одговорност.
„Подготвени сме да преземеме одговорност. Бидејќи кога ќе соборите влада и ќе предложите предлози, очигледно мора да бидете подготвени да ги спроведете. Очекувам Макрон да сфати дека ги загуби изборите пред една година, дека желбата за промени кај Французите е значителна и дека тој е во голема мера одговорен за финансиската состојба во која се наоѓаме. Ако ја сака оваа земја, ако се грижи за интересите на Французите, ако не сака да ја остави крајната десница како единствена алтернатива, тогаш треба да дојде и да нè најде“, изјави Борис Вало, пратеник на социјалистите.
Франција, со својот рекорден долг од 3,35 билиони евра и растечки дефицит од речиси 6 насто, станува најголем ризик за стабилноста на еврозоната. Експертите предупредуваат дека кризата во Париз би можела да се прелее во целата ЕУ и да го доведе во прашање опстанокот на еврото.
Бојана Крстевски
