Поднесено обвинение против виш обвинител
Штипското обвинителство поднесе обвинение против суспендираниот шеф на скопското вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи за злоупотреба на службената положба. Се товари дека се заканувал и вршел психолошко насилство врз пет вработени жени. Вишиот обвинител за Македонската телевизија вели дека целата постапка е измислица и конструкција...

Штипското обвинителство поднесе обвинение против Мустафа Хајрулахи, виш јавен обвинител од Вишото обвинителство – Скопје. Сторил пет кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинетиот се заканувал и вршел психолошко насилство врз пет вработени жени во работно време, во период од септември 2023-та, до октомври лани. Користејќи ја хиерархиската надреденост, вишиот обвинител Хајрулахи се заканувал со отпуштање и физичко малтретирање, во некои случаи и со смртни последици. Оштетените го пријавиле до Јавното обвинителство и до Советот на јавни обвинители поради заштита, по што обвинетиот обвинител продолжил со заканите, со што кај една од оштетените жени предизвикал состојба на анксиозно растројство. Поради заканите, дури и кон децата на оштетените, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за мерки за претпазливост со привремено одземање на патните документи и забрана за премин на државната граница. За Македонската телевизија Хајрулахи тврди дека станува збор за конструкции и измислици по неговата реакција за состојбата во Вишото јавно обвинителство.
Во текот на истрагата обезбедени се докази против уште еден јавен обвинител, Јован Цветановски од Скопското вишо обвинителство, кој бил соизвршител со обвинетиот виш јавен обвинител при злоупотребата на службената должност. Двајцата од јануари 2023 до август лани ги задржувале и го менувале датумот на примените службени писма. Со тоа не ја извршувале службената должност и овозможиле стекнување на имотна корист на други лица со што биле повредени правата на странките во неколку постапки, информираат од Штипското јавно обвинителство. Обвинителот Цветановски реагираше дека нема дадено никаква изјава за обвинението. Државниот обвинител Коцевски во декември лани поднел обвинение против Хајрулахи и Цветановски за местење предмети што беше негирано од обвинителите.
Александра Спировска
