Свет

Реакции и осуди по израелскиот напад врз делегацијата на Хамас во Доха

10.09.2025 09:02

Катар чинот го нарече државен тероризам. Директно го обвини Нетанјаху за дестабилизација на регионот. Потврдија дека од САД добиле предупредување – но, 10 минути по нападот.

Реакции и осуди по израелскиот воздушен напад врз делегацијата на Хамас во Доха која се собра да разговара за најновиот предлог за прекин на огнот. Катар чинот го нарече државен тероризам. Директно го обвини Нетанјаху за дестабилизација на регионот. Потврдија дека од САД добиле предупредување – но, 10 минути по нападот.

„Овој напад не само што ги крши меѓународните закони, туку ги крши и етичките стандарди. Зборуваме за држава-медијатор која официјално е домаќин на преговорите. Според кои етички стандарди е ова прифатливо? Дали на светот му е потребна појасна порака од оваа? Кој ја затвора вратата кон мирот?“, изјави Шеикот Мохамед Ал Тани, премиер и министер за надворешни работи на Катар.

Египет побара Израел да сноси одговорност, додека Алжир и Иран го нарекоа нападот кукавички терористички чин и побараа итна реакција од ОН. Од Вашингтон велат дека нападот не придонесува за мир, но според Нетанјаху, тоа е чекор кон крај на војната.

„Не сум воодушевен од целата ситуација, таа не е добра. Сакаме заложниците да ни се вратат, но не сме воодушевени од начинот на кој се случи тоа. Навистина сме незадоволни поради ова, од секој аспект“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.

„Ја преземаме одговорноста за оваа акција кој може да ја отвори вратата за крај на војната во Газа. Израел го прифати предлог што го изнесе Трамп со итно ослободување на сите заложници. Доколку биде прифатен, војната може да заврши веднаш“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во истовреме Палестинците ја напуштаат Газа по израелскиот повик за евакуација на градот во пресрет на најавената проширена офанзива.