Реакции по израелскиот напад врз Хамас во Катар
Катар чинот го нарече државен тероризам. Го обвини Нетанјаху за дестабилизација на регионот. Од Брисел порака – израелскиот напад е кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Катар. Советот за безбедност на ОН на итна седница..

Реакции и осуди по израелскиот напад врз делегацијата на Хамас во Доха која се собра да разговара за најновиот предлог за прекин на огнот. Катар чинот го нарече државен тероризам. Го обвини Нетанјаху за дестабилизација на регионот и повикаа на заедничка регионална реакција. Потврдија дека од САД добиле предупредување – но, 10 минути по нападот.
„Зборуваме за држава-медијатор која официјално е домаќин на преговорите. Според кои етички стандарди е ова прифатливо? Дали на светот му е потребна појасна порака од оваа? Кој ја затвора вратата кон мирот?“, изјави Шеикот Мохамед Ал Тани, премиер и министер за надворешни работи на Катар.
Советот за безбедност на ОН на итна седница. Идната претседателка на Генерално собрание на ОН Бербок повика на воздржаност.
„Ескалацијата е очигледно загрижувачка, ги повикувам сите страни да покажат максимална воздржаност. Не ни требаат поголеми тензии во регионот, туку засилени дипломатски напори“, изјави Аналена Бербок, претседател на 80-то Генерално собрание на ОН.
Таргетирањето на лидерите на Хамас во Катар е целосно оправдано и нарачано по терористичкиот напад во Ерусалим-вели Нетанјаху.
„Ја преземаме одговорноста за оваа акција. Таа може да ја отвори вратата за крај на војната во Газа. Израел го прифати предлог на Трамп со итно ослободување на сите заложници. Доколку биде прифатен од Хамас, војната може да заврши веднаш“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Вашингтон оцени дека нападот не придонесува за мир. Трамп го критикуваше Нетанјаху.
„Не сум воодушевен од целата ситуација. Сакаме заложниците да ни се вратат, но не сме воодушевени од начинот на кој се случи тоа. Навистина сме незадоволни поради ова, од секој аспект“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Порака и од Брисел-израелскиот напад е кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Катар, но и ризик од натамошна ескалација на насилството во регионот. Шефицата на ЕК најави пакет мерки и санкции за екстремните израелски министри.
„Ќе предложам пакет мерки. Ќе ја ставиме билатералната поддршка за Израел во мирување. Ќе предложиме санкции за екстремните израелски министри и насилни доселеници како и делумна суспензија на асоцијативниот договор за трговски прашања“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Египет бара Израел да сноси одговорност. Алжир и Иран го нарекоа нападот кукавички терористички чин.
„Оваа ароганција нема да постигне безбедност и стабилност за Израел, туку целосно му докажува на светот дека Израел нема волја и желба да постигне политичко решение или прекин на огнот“, изјави Бадр Абделати, министер за надворешни работи на Египет.
„Ги повикуваме Советот за безбедност на ОН и целата меѓународна заедница да преземат итни мерки за да го спречат израелскиот режим да врши натамошни злосторства во Газа“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Хамас соопшти дека во израелскиот напад во Доха загинале шест лица загинале, но преговарачкиот тим, вклучувајќи го и главниот преговарач Халил ал Хаја, преживеал. Според Хамас, целта бил обид за атентат и доказ дека Израел не сака мировен договор.
Бојана Крстевски
