Фридман: Македонскиот јазик не е загрозен сè додека има деца кои го зборуваат
Македонскиот јазик не е загрозен, сè додека има наследници, деца кои го зборуваат. Порача проф. д-р Виктор Фридман, еден од најголемите американски и светски слависти, кој повеќе од 50 години го учи, истражува и зборува македонскиот јазик. На 12-та Македонско – Северноамериканска конференција за македонистика, што деновиве се одржува во Охрид пораката е секој гордо да го зборува и чува својот јазик...

Македонскиот јазик е посебен словенски јазик, тој постоел и ќе постои и во иднина. И покрај негирањето, македонскиот јазик не è е загрозен, сè додека има деца наследници кои го зборуваат, порача проф. д-р Виктор Фридман, еден од најголемите американски и светски слависти, кој повеќе од 50 години го учи, истражува и зборува македонскиот јазик.
Тој вели секој гордо треба да го зборува и чува својот јазик.
„Кај мене во малото, имам стан овде, и кога викаат децата, викаат на македонски. Не викат на некојси друг јазик, тинејџерите многу англиски зборуваа, ама тинејџерите стално треба да прават нешто друго од родителите. Па кога тие ќе имаат децата, на кој јазик ја зборуваат? На англиски ли, ич. Не, тие ќе зборуваат на македонскиот јазик и за тоа сакам да кажам дека македонскиот јазик е жив и здрав и ако многу не гњават и Бугарија и Грција, сепак ние ќе опстоиме“, рече Фридман.
Триесеттина македонисти од земјава, Америка и Канада деновиве во Охрид се дел од 12-та Македонско – Северноамериканска конференција за македонистика, чија цел е афирмација на македонскиот јазик и идентитет.
„Фокусот, како и во почетокот, било на соработката и на истражувањата за Македонија, како и од нашите колеги од Северна Америка, оваа година имаме некои гости од Европски универзитети, посебноста на македонскиот јазик и култура, неговата уникатност, ама не само во смисла на неговото словенско потекло, туку неговиот развој како резултат на живеење во средина со и во допир со различни култури и јазици“, истакна проф. Станислава Сташа Тофовска-координатор на конференцијата.
„Секако фактот дека имаме учесници не само домашни, туку и од странски универзитетски центри, сето тоа го потврдува, бидејќи се истражуваат работи поврзани со македонистиката и со тоа ја го потврдуваат посебноста на македонскиот јазик“, истакна Елена Петроска-координатор од американска страна.
„Треба да работиме за македонскиот јазик, нашето истражување, нешто предаваме, а истовремено, цело време, треба да зборуваме зашто баш македонски, зашто македонскиот јазик има своја историја, свој јазик, свои интереси, зашто баш не зборуваме и истражуваме македонски“, истакна Кристина Крамер македонист професор на универзитет во Канада.
Првата Македонско-Северноамериканска конференција за македонистика, се одржала во Америка во 1991 година, од тогаш традицијата продолжува на секои три години наизменично во Америка или Охрид.
Соња Рилковска
