Полска го активира членот 4 од НАТО, Варшава ја обвини Москва за провокација
Разгорени тензиите меѓу НАТО и Москва. Иако и претходно беа детектирани, Полска за првпат собори руски дронови кои навлегоа во нејзиниот воздушен простор и привремено затвори неколку аеродроми. Инцидентот се случи за време на интензивни руски напади врз западна Украина. Полскиот претседател свика итен состанок…

Полска и формално го активираше членот 4 од Северноатлантскиот договор како одговор на руските дронови кои влегоа во нејзиниот воздушен простор и беа соборени. Членот предвидува дека страните ќе се консултираат меѓусебно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на некоја од нив ќе биде загрозена. Варшава ја обвини Москва за провокација.
„Ова е момент без преседан во историјата на Северноатлантската алијанса, но и во најновата историја на Полска. По овој напад, мора да ги извлечеме сите последици од она што се случи“, изјави Карол Навроцки, претседател на Полска.
Полскиот премиер го информирал генералниот секретар на НАТО за моменталната ситуација и мерките што се преземени.
„Се справуваме со провокација од големи размери. Во контакт сме со нашите сојузници и со генералниот секретар на НАТО, за да можеме понатаму да одговориме на ваков вид закана толку ефикасно како што направивме и сега“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
Досега нема информации за жртви, а се отворија и аеродромите кои привремено беа затворени поради заканите од напади.
Зеленски повика на силен одговор, a сериозниот инцидент го нарече „екстремно опасен преседан за Европа“.
„Москва секогаш ги поместува границите на она што е можно, а ако не наиде на силна реакција, останува на ново ниво на ескалација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
И францускиот претседател го осуди инцидентот во полскиот воздушен простор.
„Навлегувањето на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор за време на нападот врз Украина е едноставно неприфатливо“, објави Макрон на мрежата „Х“.
Руските дронови влегоа во полскиот воздушен простор како резултат на интензивираните напади врз западна Украина.
Катерина Бојаџиева
