Жестоки демонстрации во Непал
Армијата на Непал ја презема контролата врз земјата поради жестоките протести. Воведен и полициски час. Демонстрантите упаднаа во резиденција на министри, дел се претепани, сопругата на поранешниот премиер е убиена. Актуелниот премиер поднесе оставка, укината е забраната за социјални медиуми, но, тоа не ги запре протестите.

Запалени владини и државни објекти, опожарени домови на политичари, напад на министри и на дел од лидерите на партиите – ова е исходот од жестокиот бунт на генерацијата „зед“ во Непал. Вооружени војници на улиците на Катманду се обидуваат да воспостават ред по хаосот што зад себе го оставија десетиците илјади демонстранти кои го истурија бесот на улиците на главниот град, откако владата ги забрани социјалните медиуми. Иако премиерот Шарма Оли поднесе оставка, а забраната за социјалните мрежи беше укината, демонстрантите не отстапија, бараа крај на непотизмот и корупцијата во земјата. Има загинати и повредени.
„Нашата се земја се најде во оваа ситуација поради континуираната нестабилност. Сега, мојата единствена желба е да имаме стабилна влада која ќе работи во корист на народот, а земјата ќе напредува. Тоа е желба на повеќемината“, изјави Јиендра Махат – жител.
„Земјата веројатно ќе тргне во нова насока. Досега политичките партии имаа влијание, но се надевам дека сега политичките партии научија голема лекција од сево ова дека земјата и граѓаните се над се“, изјави Сандеш Патак – жител.
Откако полицијата не успеа да го сопре насилството во Катманду, беше прогласен полициски час за на улиците излезе војската. Граѓаните беа повикани да останат во своите домови. Сега на улиците се проверуваат возилата, се легитимираат луѓето кои се движат по улиците. Десетици се уапсени. Некои од жителите, пак, не ги оправдуваат насилството и дивеењата кои се случија во Катманду.
„Ова не е сосема погрешно, но палењето и уништувањето на јавниот имот е навистина погрешно. Сепак, сите се согласуваме дека промената беше навистина потребна“, изјави Катар Бахадур Сингх – поранешен полицаец.
„Одговорноста на сите нас е да работиме за интересот на земјата. Треба да се постигне мирно решени на оваа ситуација, ги повикувам демонстрантите да ги прекинат сите протести и да се приклучат на дијалогот“, изјави Ашок Раџ Сигел – началник на полицијата на Непал.
Додека владата тврдеше дека ги забранила платформите на социјални медиуми поради пропуштање на рокот за регистрација, овој потег за јавноста беше обид за замолчување на слободните медиуми. Во претходниот период, социјалните мрежи во Непал беа вриеја од критики за владата, непотизмот, лошото управување со земјата, огромната корупција, но и со забелешки за раскошот и луксузот што членовите на семејствата на политичарите ги промовираа, токму на тие социјални мрежи.
Маја Стојанова
