НАТО сојузниците со осуда за неодговорното однесување на Русија
Полска првпат собори руски дронови кои навлегоа во нејзиниот воздушен простор. Варшава го активираше членот 4 и ја обвини Москва за провокација – Путин ги интензивира ударите врз западна Украина …

Северноатлантскиот совет ја разгледа ситуацијата по барање на Полска за консултации, откако Варшава го активираше членот 4 од Вашингтонскиот договор. Сојузниците изразија солидарност со Полска и го осудија неодговорното однесување на Русија. Според нив, јасно е дека инцидентот не е изолиран.
„Русија води опасна агресивна војна против Украина која постојано ги таргетира цивилите и цивилната инфраструктура. Сојузниците се решени да ја засилат својата поддршка за Украина“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
„Се справуваме со провокација од големи размери. Во контакт сме со нашите сојузници и со генералниот секретар на НАТО, за да можеме понатаму да одговориме на ваков вид закана толку ефикасно како што направивме и сега“, нагласи Доналд Туск, премиер на Полска.
Членот 4 предвидува дека страните ќе се консултираат меѓусебно секогаш кога, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на некоја од нив ќе бидат загрозени. Варшава ја обвини Москва за провокација. Соборени неколку руски дронови над полското небо поради што привремено беа затворени и аеродроми.
„Ова е момент без преседан во историјата на Северноатлантската алијанса, но и во најновата историја на Полска. По овој напад, мора да ги извлечеме сите последици од она што се случи“, изјави Карол Навроцки, претседател на Полска.
Зеленски повика на силен одговор. Сериозниот инцидент го нарече „екстремно опасен преседан за Европа“.
„Москва секогаш ги поместува границите на она што е можно, а ако не наиде на силна реакција, останува на ново ниво на ескалација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
И францускиот претседател го осуди инцидентот во полскиот воздушен простор.
„Навлегувањето на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор за време на нападот врз Украина е едноставно неприфатливо“, објави Макрон на мрежата „Х“.
Руското Министерство за одбрана се огласи по упадите на руски дронови во полскиот воздушен простор.
„Целите на нападот се остварени. Сите одредени цели беа погодени. Ниту една цел на територијата на Полска не беше планирана како мета“, се наведува во соопштението на Министерството.
Кремљ одби да коментира за инцидентот, со порака дека тоа е прашање за функционери од одбраната.
Катерина Бојаџиева
