Потресни сведоштва во случајот „Онкологија“
Потресни сведоштва на роднини на пациенти на кои им се влошила состојбата по примањето терапија – во Кривичниот суд ново рочиште против обвинетите лекари во случајот „Онкологија“…

„Метастази на црниот дроб ѝ се појавија на мојата ќерка поради погрешна терапија за лекување на рак. Ова ни го кажа докторот од гастро, а Никола Васев иако знаеше дека Андријана е во лоша состојба, продолжи да ѝ ја дава терапијата од која ѝ стануваше уште полошо“. Ова го изјави пред судот мајката на починатата Андријана Начевска. Рече дека таа и нејзината ќерка имале бескрајна доверба во Васев, кој некогаш знаел да биде и арогантен.
„Периодот пред да почине Андријана беше најтешкиот. Постојано ѝ менуваа терапија, таблетарна и инфузии. Имаше несвестици, стомакот ѝ се наполни со вода. Кога го замолив да ѝ ја прекине терапијата, доктор Васев ми рече – ти ли ќе ми кажеш што да правам, докторка ли си?“, сведочеше мајката на Андријана Начевска.
И останатите двајца сведоци потврдија дека од терапијата што ја препишувал Васев, се влошувала состојбата на нивните блиски, по што починале. Но, и покрај овие сведоштва, одбраната смета оти Обвинителството не може да докаже дека Васев и колегите, несовесно го лекувале болните.
За случајот „Онкологија“ се водат две постапки.
Дополнително, на поранешните директори Васев и Нухи, во друга постапка ќе им се суди за злоупотреба на скапа онколошка терапија.
Анита Димитријевска – Велковска
