Мицкоски: Обезбедени се пари за три современи депонии, но проектите се заглавени
Нема ад хок решенија за проблемот со депониите – обезбедени се пари за три современи депонии, но проектите се заглавени, објаснува премиерот Мицкоски, кој сепак, рече дека ќе се надмине состојбата и на „Вардариште“ и на „Дрисла“. Опозицијата ја критикува власта дека потфрлила во справувањето со отпадот и во заштитата на здравјето на граѓаните …

Пари за три современи депонии кои би произведувале и електрична енергија има обезбедено повеќе од десет години. Кај Свети Николе, Новаци и Гостивар, но има невладини организации, политичари кои велат, зошто баш тука да се одлага отпад и протестираат – вели премиерот Мицкоски анализирајќи го проблемот со палењето на депониите. Ад хок решенија нема за гасење на метанот кој се пали од едно догорче вели шефот на Владата, кој најави решение за Дрисла.
И додека Мицкоски прашува кому пред избори му одговара да се палат депонии и граѓаните да гушат во чад и смрдеа, градоначалникот на Гази Баба, Стефковски, вели, покрај тоа што Град Скопје не си ја врши работата, локалната самоуправа ќе преземе мерки за депонијата Вардариште.
За социјалдемократите „Вардариште“ и „Дрисла“ се симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши.
Власта и опозицијата се согласуваат во едно, дека безбедноста, деконтаминацијата и изградбата на модерен систем се клучни за долгорочно решение во однос на депониите.
Миле А. Ристески
