Посета на пратениците во АНБ
По собраниските игри со Комисијата за надзор над тајните служби, пратениците со безбедносни сертификати конечно влегоа во Агенцијата за национална безбедност. Целта е да ги проверат наводите и да ги отстранат сите сомнежи за случајот со прислушувањето. Падна договор, утре да се влезе и во Агенцијата за разузнавање. Опозицијата остана на ставот дека освен ова, потребна е и декласификација на документите...

Пратениците кои имаат безбедносен сертификат, во надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност. Се разгледуваа документи и материјали поврзани со скандалот на следење и прислушување на политичари, бизнисмени и новинари.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да се утврди што се случувало во АНБ во периодот од 2019 до 2024 година, колку и кои лица биле таргет на Агенцијата, какви мерки се употребувале, што е доставено до Обвинителството, за како што рече Пренџов, скандалот да добие институционална разрешница.
Од СДСМ остануваат на ставот дека треба да се направи декласификација на материјалите, како што изјави Петровска, во интерес на јавноста. Во спротивно вели таа, скандалот ќе служи за политичко препукување меѓу партиите. Одговор ќе бара и за смената на шефот за внатрешна контрола.
Претходно, Собраниската комисија за надзор на тајните служби едногласно го усвои заклучокот за посета и увид во работата на АНБ. Со Седницата претседаваше Блерим Беџети од ДУИ, кој исто како и претседателот на комисијата Скендер Реџепи-Зејд не поседува безбедносен сертификат за класифицирани материјали. Најголем дел од опозициските пратеници немаат дозволи за пристап до тајни документи. На ова реагираа и од Левица.
Во надзор во АНБ шест пратеници, 5 од владејачкото мнозинство, 1 од опозицијата.
Пратениците во надзор и на Агенцијата за разузнавање. Ќе ги разгледуваат материјалите за да утврдат што и како се работело таму.
Марина Стојанова - Тонева
