Животна средина

Чадот од „Дрисла“ и „Вардариште“ ги труе скопјани

10.09.2025 16:40

Македонскиот главен град претворен во еколошка бомба. Чадот од „Дрисла“ и „Вардариште“ продолжува да ги труе скопјани – воздухот мириса на пластика и на други отрови. „Дрисла“ и денеска гори – надлежноста врз депонијата ја презеде Главниот штаб за управување со кризи. Откако не се изгасна со вода, се премина кон затрупување на делот каде што има оган. За „Вардариште“, забрана за движење…

Густ чад и реа од запален смет и пластика ги труе граѓаните на Скопје. „Дрисла“ продолжи да гори – откако надлежните не успеаја да го изгаснат пожарот со вода, се затрупуваше делот каде што има оган. Најизложени на токсичниот воздух, жителите од селата Батинци и Студеничани.

Жителите со години живеат во еколошка бомба која го загрозува нивното здравје.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека надлежноста врз депонијата ја презема Главниот штаб за управување со кризи, поради прогласената кризна состојба во државата.

Лекарите алармираат дека состојбата е загрижувачка.

И додека Скопје се гуши во неподнослива смрдеа, сомнежите се дека пожарите на депониите се подметнати.

Надлежните екипи го ставија пожарот под контрола за да не се прошири кон околната шума и населени места.

Борис Грујоски