Франција

Масовни протести во Франција против политиките на Макрон

11.09.2025 09:46

Масовни антивладини протести во Франција. Демонстрантите се судрија со полицијата која употреби солзавец и водни топови да ги растера. Над 400 лица се уапсени. Претходно, и беше изгласана недоверба на владата, по што претседателот Макрон го назначи Лакорну за премиер на Франција...

Солзавец, водени топови и над 400 уапсени на масовните протести во Франција, предводени од екстремната левица против политиките на претседателот Макрон. 80 илјади полицајци жестоко одговорија на обидите на демонстрантите да го блокираат Париз откако новиот, петти премиер, за помалку од две години Лакорну ја презеде функцијата со надеж дека ќе успее да го протурка спорниот буџет и мерките за штедење низ поделениот парламент. Демонстрантите фрустрирани од последователните влади кои ги менуваат имињата и лицата – но не и политиката. Иако не дојде до целосна блокада, протестите сериозно ги нарушија јавните служби и сообраќајот.

„Секогаш се на удар обичните работници. Но, луѓето што ги држат економските узди се исклучително богати“, рече демонстрантка.

„Во Франција, 13 проценти од населението живее во сиромаштија. Потребна е фер распределба на богатството. Земете ги парите од каде што се, од акционерите и компаниите“, рече друга.

Властите прогласија неуспех на стратегијата на оние кои сакаа да го блокираат градот. Во судирите повредени и полицајци.

„Ја победивме оваа стратегија, демонстрантите не ја блокираа Франција. Имаше многу обиди, делумно и насилни. Како резултат на тоа, имаше повредени полицајци. Остануваме исклучително претпазливи и будни и ќе видиме како ќе пристапиме кон потенцијалното продолжување на ова движење“, изјави француски министер за внатрешни работи, Бруно Рејто.

Признавајќи го сериозниот момент низ кој минува Франција, Лекорну најави суштински промени и отворен дијалог со опозицијата, која, пак, го смета за продолжение на политиките на Макрон и бара избори.

„Ќе мора да се промениме, да бидеме покреативни, посериозни во начинот на кој работиме со опозициските партии. Ќе ни требаат значителни прекини со минатото. И не само во форма, или метод, туку и во суштина“, изјави францускиот премиер, Себастијан Лекорну.

„Новиот премиер ги поздрави сите политики на Макрон во текот на изминатите осум години. Затоа, немаме илузии дека тој има краткорочен закуп. Нашата амбиција е да се вратиме на избори и мислам дека нема да има друга можност во наредните недели“, истакна Џордан Бардела, претседател на францускиот национален собир и „Патриоти за Европа“.

Франција, со својот рекорден долг од 114 насто од бруто домашниот производ и растечки дефицит од 6 насто, станува најголем ризик за стабилноста на еврозоната која би можела да доведе до прелевање на кризата во унијата со вртоглав пад на еврото.

Бојана Крстевски