Убиен влијателен активист и соработник на Трамп
31-годишниот конзервативен активист и близок сојузник на претседателот Трамп, Чарли Кирк, почина откако беше застрелан за време на говор на Универзитетот Јута. Напаѓачот сè уште не е идентификуван. Трамп ја обвини радикалната левица за неговото убиство и вети дека ќе ги пронајде сите што стојат зад политичкото насилство...

Американските знамиња спуштени на половина јарбол во чест на Чарли Кирк, влијателен активист близок до Трамп, кој почина откако беше застрелан за време на говор на Универзитетот Јута Вали. Атентатот на Кирк доаѓа во пресрет на 24-годишнината од терористичките напади врз САД во кои беа убиени речиси 3.000 луѓе. Американскиот претседател ја обвини радикалната Левица за неговото убиство и вети дека ќе ги пронајде сите што стојат зад политичкото насилство.
„Кирк е жртва на вистината и слободата. Неговата мисија беше да ги вклучи младите во политичкиот процес. Со години оние од радикалната Левица ги споредуваа прекрасните американци како Чарли со нацистите и најлошите масовни убиства и криминалци во светот. Овој вид реторика е директно одговорен за тероризмот што го гледаме во нашата земја денес и мора да престане веднаш“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.
На собирот на кој бил убиен Кирк имало околу 3.000 луѓе кои панично бегале. Властите соопштија дека осомничениот веројатно стрелал од кров од значително растојание. Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс го нарече пукањето и убиството политички атентат.
„Ова е мрачен ден за Америка, сакам да биде јасно дека ова е политички атентат“, изјави Спенсер кокс – гувернер на Јута.
Шест месеци пред атентатот, Кирк ги именуваше оние што имаат корист од војната во Украина. Поранешниот британски премиер Борис Џонсон убиството на Чарли го нарече знак на очај и кукавичлук на оние кои не можеа да го победат во дебата.
„Тој беше убиен затоа што имаше храброст јавно да се залага за разумни мислења што ги имаат милиони и милиони обични луѓе и во САД и во Велика Британија. Светот доби нов маченик на слободата на говорот“, напиша Џонсон на социјалните мрежи.
31-годишниот Кирк важеше за влијателен сојузник на Трамп и беше коосновач на „пресвртница“-најголемата конзервативна младинска организација во сад. Ја основал кога имал само 18 години, со цел да шири конзервативни идеали на американските колеџи. Со милиони следбеници на дигиталните платформи, Кирк ги поттикна младите да гласаат за Трамп на ланските претседателски избори.
Катерина Бојаџиева
