„Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски – победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“
Поради квалитативното издвојување и отскокнување на два ракописа уште од самиот почеток на жирирањето па сè до крајот („Џинџуџе“ и „Сам во рој“), по долги и опсежни разговори, жирито одлучи токму овие два исклучителни и меѓусебно мошне различни романи да се најдат во финалето: едниот како победник, другиот како најтесен избор со топла препорака до издавачот и за негово објавување.

Ракописот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски е победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“. На изборот за наградата, која ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Николова, пристигнаа 38 ракописи од 37 автори.
Во најтесен избор за наградата беше романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).
Жири-комисијата составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка) во текот на работата констатираше видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи, а особено од шареноликоста на авторите, темите и раскажувачките пристапи и техники.
Меѓу ракописите имаше дела од писатели кои веќе се познати во книжевноста за деца, дела од писатели етаблирани во книжевноста за возрасни кои првпат пишуваат за деца, свежи дела од дебитанти во книжевноста воопшто. Спектарот на темите беше навистина богат, а беа засегнати и најгорливите теми на нашето време: булингот, осаменоста, (не)инклузивноста на децата со специфичен развој и од ранливите категории.
Поради квалитативното издвојување и отскокнување на два ракописа уште од самиот почеток на жирирањето па сè до крајот („Џинџуџе“ и „Сам во рој“), по долги и опсежни разговори, жирито одлучи токму овие два исклучителни и меѓусебно мошне различни романи да се најдат во финалето: едниот како победник, другиот како најтесен избор со топла препорака до издавачот и за негово објавување.
Ермис Лафазановски (1961) е истакнат македонски раскажувач, романописец, историчар и теоретичар на литературата, доктор по филолошки науки. Работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и бил негов долгогодишен директор. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар, чијшто претседател бил од 2014 до 2018 година. Има објавено повеќе трудови од областа на книжевноста и културната антропологија и има дадено значаен придонес во современата македонска проза. Добитник е на неколку книжевни признанија.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година.
„Арс Ламина“ го распишува и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година. Конкурсот ќе трае од 11 септември 2025 година до 11 јануари 2026 година. На него можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници). Ракописите треба да се достават по електронска пошта на адресата [email protected], како Word или PDF-документ со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“.
