Историски „Спортски самит Скопје 2025“
Самитот се одржа под покровителство на Министерството за спорт и ја дефинира Македонија како центар на регионалната соработка во спортот, како единствената и најголема сила која ги обединува луѓето, односно народите и културите...

Во македонската престолнина, беше одржан првиот регионален спортски самит, со наслов „Скопје 2025“, под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“. Самитот се одржа под покровителство на Министерството за спорт и ја дефинира Македонија како центар на регионалната соработка во спортот, како единствената и најголема сила која ги обединува луѓето, односно народите и културите.
„Овој самит не е само формален настан, туку платформа за заеднички визии, размена на искуства и градење нови партнерства. Верувам дека преку регионална соработка и поддршка од институциите, спортот ќе биде двигател на здраво, современо и просперитетно општество“ – беа воведните зборови на министерот за спорт, Борко Ристовски, кој го отвори самитот.
Александар Николоски, вицепремиер на Македонија и министер за транспорт и врски, ја истакна важноста на спортот како двигател на општествените и економските процеси, најавувајќи уште поголеми инвестиции во спортската инфраструктура во целата наша држава.
„Како Влада сме сериозно посветени на спортот. Тоа што можеме ние да го направиме е да помогнеме да се развива инфраструктурата и да се даде шанса на сите кои сакаат да спортуваат. Воведовме една амбициозна програма за поддршка на локалната самоуправа во која сериозни средства се наменети за спортот. Преку Министерството за спорт инвестираме и речиси нема место каде што не носиме спортска инфраструктура и на тој начин овозможуваме младите да практикуваат спорт. Во тек се неколку законски измени што ќе овозможат финансиски олеснувања и можност за сериозни инвестиции во спортот. Сметам дека оваа синергија помеѓу инвестиции во инфраструктурата и можност за инвестирање во спортот ќе даде резултати. Ние како Влада сме тука секогаш кога можеме да помогнеме и да дадеме поддршка и нашата работа застанува тука, бидејќи сакаме да ја држиме политиката надвор од спортот“ - рече Александар Николоски.
Горан Пандев ја сподели својата лична спортска приказна која го водеше од малата Струмица на европското првенство со нашата репрезентација и до големото ѕвездено фудбалско небо, односно европската и светската клупска титула со Интер. Приказна, која инспирира многу млади, особено фудбалери да се занимаваат со спорт.
Имаше плодна дискусија меѓу министрите за спорт од регионот – Борко Ристовски (Македонија), Зоран Гајиќ (Србија) и Драгослав Шќекиќ (Црна Гора), кои едногласно заклучија дека регионалната соработка е клучна за развојот на спортот, инфраструктурата и младите таленти, како и за градење заедничка визија за иднината на Балканот.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, поранешен спортист, ги повикаа македонските компании повеќе да вложуваат во спортот.
„Ако сакаме да имаме економија, мораме да имаме здрава нација, дисциплинирана и победнички настроена. Вакви карактеристики имаат спортистите. Затоа треба да вложуваме многу во училишниот спорт и да овозможиме секое дете да има пристап до спортот. Ова е еден од нашите приоритети и во иднина фокусот и на Владата и на Министерството за спорт ќе биде таму. Навиките кои тие деца ќе ги стекнат од нив ќе создадат добри граѓани и потенцијал за компаниите да добијат квалитетни работници.
Јас како министерка за финансии давам голема поддршка за спортот, а доказ за тоа е буџетот на Министерството за спорт“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Имаше вкупно девет панели на кои дискутираа претставници на спортски федерации и клубови, истакнати, претставници на институции, медиуми, приватни компании, спонзори и тренери, со една заедничка мисија – нагласување и истакнување на улогата на спортот во современото општество.
