Јеменските Хути на удар, Израел решен да ги уништи милитантните групи во регионот
Израел решен да ги уништи милитантните групи во регионот. На удар јеменските Хути. Во главниот град Сана, десетици загинати и ранети во израелско бомбардирање. Продолжува и офанзивата во Газа. Од Катар велат дека Нетанјаху ја уништил секоја надеж за ослободување на заложниците по нападот врз раководството на Хамас во Доха…

Израелските сили решени да ги елиминираат милитантните групи на Блискиот Исток. На удар Хутите во Јемен. Во напад на градот Сана десетици загинати и ранети, предизвикана штета на Националниот музеј и други историски локации.
„Пред неколку дена ги елиминиравме повеќето членови на терористичката влада на Хутите. Како одговор, Хутите отворија оган кон аеродромот Рамон. Ова не ја ослабна нашата решителност. Повторно ги нападнавме од воздух, погодувајќи ги нивните терористички објекти, бази, како и дополнителни локации. Ќе продолжиме да напаѓаме. Кој и да не удри, кој и да не нападне, ние ќе го стигнеме“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
ООН изразија сериозна загриженост за ескалацијата и повикаа на ослободување на хуманитарците приведени од Хутите.
„Сакаме да видиме прекин на сите воени активности меѓу Израел и Хутите. Важно е да не се прави ништо што би ги ескалирало тензиите во област каде што тензиите се веќе доста ескалирани. Меѓународното хуманитарно право е применливо, сите страни мора да го почитуваат“, рече Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Интензивни бомбардирања и во Газа. Расте црниот биланс. Околу 200 илјади Палестинци го напуштиле градот.
„Шаторот што не штити беше целосно искинат. Немаме ќебиња, постелнина, а зимата доаѓа.“
„Се криевме во шатори под кула, и ја погодија. Сè се урна врз нашите шатори. Ништо не ни остана ниту облека и лични работи.“
Израелскиот премиер Нетанјаху ја уништи секоја надеж за ослободување на заложниците што сè уште се држат во Појасот Газа, став на катарскиот премиер по нападите врз раководството на Хамас во Доха. Катар и Египет се клучни посредници во напорите за посредување за примирје во војната во Газа.
Маријана Димовска
