Политика

Обид за разгорување меѓуетнички тензии пред избори

11.09.2025 15:49

Во предизборниот период има обиди за да се предизвикаат создавање меѓуетнички конфликти во земјава, особено во западниот дел каде мнозинство се Албанци, тврди градоначалникот на Тетово и еден од лидерите во Вреди. Касами вели дека имаат информации и за странско влијание. Од Алијанса за Албанците ваквите тврдења ги оквалификуваа како политички игри со религиозни сценарија. Ги повикаа МВР и Обвинителството да ги истражат ваквите наводи...

Во предизборниот период има тенденции за создавање меѓуетнички конфликти на целата територија на државата, особено во западниот дел, каде мнозинство се Албанци, тврди градоначалникот на Тетово и еден од лидерите во Вреди.

Касами посочи дека комуникацијата со безбедносните служби е постојана, посебно за состојбата во Тетово. Вакви информации, како што објаснува добиле од нивни активисти, но и пријатели од соседните држави. Како пример го посочи обидот од некои групи да се запали џамијата на Попова Шапка, како индикатор дека меѓуетничките односи се нарушени.

Ако од Вреди имаат точни информации дека ќе биде запалена џамијата на Шара, тоа е црвен аларм за меѓуетничките и меѓурелигиските односи, за безбедноста на граѓаните, но и за стабилноста на земјата, велат од Алијанса на Албанците. Го повикаа пратеникот Аднан Азизи информациите да ги достави до МВР и до Обвинителството.

Во спротивно, Обвинителството треба да го гони пратеникот за поттикнување омраза и насилство врз верска основа, сценарија опасни за земјата и безбедноста на граѓаните, соопштуваат од Алијанса за Албанците.

Градоначалникот на Тетово Касами повика овој период да нема поголеми собирања без за тоа да бидат информирани државните институции, особено како што потенцира, на навивачките групи на спортски натпревари.

Милчо Велески