Дрисла сè уште чади, депонијата Вардариште ја чува агенција за обезбедување
Скопјани и во лето дишат загаден воздух – дождот не помогна за чудењето од „Дрисла“ – огнот се затрупува со земја, се гасне и со специјална пена. „Вардариште“ од денеска под обезбедување, поднесено обвинение...

Депонијата „Дрисла“ продолжи да чади, дождот не им помогна многу на екипите во гаснењето на пожарот, иако ветрот не ја носеше смрдеата кон главниот град како во текот на ноќта. Граѓаните спас бараат со затворање на вратите и прозорците – апелираат на долгорочно решение.
Водата не помага – критичните места на „Дрисла“ се затрупуваат со земја со багери, булдожер и камиони. Активиран и „ер-трактор“ што фрлаше специјална пена на локацијата. На депонијата има отпадни води што дополнително го отежнува процесот на гаснење. Допрва ќе се земаат мостри и ќе се испитува колкава е нивната токсичност. Постојат сомнежи дека пожарите на депониите се подметнати.
Инспекторатот за животна средина при вонредниот инспекциски надзор констатирал зголемување на ПМ2,5 и ПМ10 честичките.
Власта се сомнева дека палењето на депониите е политички мотивирано за во предизборниот период да се шири паника меѓу граѓаните, но премиерот Мицкоски најави решение за „Дрисла“ и „Вардариште“.
Лидерот на опозицијата Филипче бара политичка и државничка одговорност од власта.
Пожарот на депонијата „Вардариште“ е целосно изгаснат, ангажирана агенција за обезбедување на просторот. Директорот на „Дрисла“ засега без коментар.
Александра Велинова
