Политика

Филипче ја најави, Мицкоски ја чека резолуцијата за црвените линии во интегративниот процес

11.09.2025 16:23

Како да се отплетка Гордиевиот јазол со македонските евроинтеграции? Лидерот на СДСМ, Венко Филипче потврди дека ја финализираат резолуцијата за црвените линии. На почетокот на иднава недела, документот ќе се најде пред јавноста. Филипче вели, по поднесувањето во Собранието, резолуцијата ќе биде отворена за дебата. Премиерот Мицкоски го чека предлогот за да можат да го анализираат…

Најдоцна до вторник првиот социјалдемократ Филипче ќе ја презентира на јавноста резолуцијата за црвените линии на земјава во однос на евроинтеграциите. Вели дека се внимателни со материјалот што го подготвуваат и затоа неколку пати се одложува нејзиното поднесување во Собранието. Отворен е за соработка со партиите во однос на документот, тврди треба сите треба да го разгледаат и да дадат свој придонес во конечната верзија.

За да нема злоупотреби во изборната кампања, Филипче е подготвен за резолуцијата да се дискутира по изборниот процес.

Со нетрпение ја очекувам резолуцијата, да видам што предлага СДСМ, вели шефот на македонската влада, Мицкоски. Тој се надева дека социјалдемократите ќе имаат демократски капацитет и ќе дозволат откако ќе ја презентираат и ВМРО-ДПМНЕ да даде свое мислење.

И додека владата и владејачките партии се воздржани околу тоа што ќе произлезе од резолуцијата предложена од СДСМ, социјалдемократите уште еднаш повикуваат на конструктивност и дебата за финалниот текст.

Миле А. Ристески