По АНБ, пратеници со безбедносни сертификати влегоа и во Агенцијата за разузнавање
По вчерашната посетата на АНБ, членови на надлежното собраниско тело денеска се во Агенцијата за разузнавање да извршат надзор по наводите за нелегално прислушување. Власта бара одговорност, а опозицијата декласификација на документацијата...

Кафето го испија и си заминаа. Без увид во материјалите поврзани со евентуалното незаконско прислушување помина посетата на шестемина пратеници кои дојдоа во Агенцијата за разузнавање. Им кажале дека документите одамна се предадени кај истражителите во Јавното обвинителство, но сепак народните избраници кои имаат безбедносни сертификати биле брифирани за случувањата.
Освен за актуелната афера со прислушувањето, пратениците биле информирани и за безбедносната состојба во земјава, која според разузнавачките информации е стабилна. СДСМ и натаму бара декласификација на документите.
Случајот го следи и шефицата на државата Сиљановска – Давкова. Во изјава за „Слободен печат“, таа вели дека во ниту еден момент нема да дозволи да се поткопаат темелите на внатрешната и надворешна безбедност на Македонија, затоа што довербата во безбедносниот систем е темел на секоја држава. Порача дека ова не е тема за партиски препукувања.
Анита Димитријевска – Велковска
