Економија

„Инвеститорски ден“ на Македонска берза – тргување без трансакциски трошоци за физичките лица

12.09.2025 08:31

Настанот има цел да го поттикне учеството на индивидуалните инвеститори на пазарот на хартии од вредност, да го зголеми знаењето за финансиските инструменти и да ја унапреди инвестициската култура во земјата.

Македонската берза денеска по шести пат го организира настанот „Инвеститорски ден“, со кој се овозможува домашните физички лица да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да плаќаат трансакциски трошоци.

Настанот има цел да го поттикне учеството на индивидуалните инвеститори на пазарот на хартии од вредност, да го зголеми знаењето за финансиските инструменти и да ја унапреди инвестициската култура во земјата.

Во иницијативата активно се вклучени Централниот депозитар за хартии од вредност, сите единаесет членки на Берзата, како и Комисијата за хартии од вредност.

Сите физички лица ќе можат да купат или продадат акции без провизија кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), под услов вкупниот дневен промет по инвеститор да не надмине 10.000 евра и трансакциите да бидат реализирани преку БЕСТ системот. Исклучок се системските и администраторските блок трансакции, јавните понуди и берзанските аукции, за кои важат стандардните надоместоци.