БЛИСКИ ИСТОК

Дебата во ООН за нападите на Израел во Катар

12.09.2025 09:11

Израелските власти покажаа дека не им е грижа за заложниците во Појасот Газа по нападот оваа недела врз лидерите на Хамас во Доха, изјави премиерот на Катар пред Обединетите нации...

Жестока дебата во ООН за последните случувања на Блискиот Исток. Израелските власти покажаа дека не им е грижа за заложниците во Појасот Газа по нападот оваа недела врз лидерите на Хамас во Доха, изјави премиерот на Катар пред Обединетите нации.

„Нашите напори во соработка со САД и Египет доведоа до опипливи резултати и ослободување на 148 заложници и до обезбедување хуманитарна помош за Газа. Тоа беше зрак надеж, редок зрак надеж во оваа Газа. Но, нападот на нашата територија додека бевме зафатени со преговори ја откри намерата на Израел. Се обида да ја поткопаат секоја перспектива за мир“, изјави Шеик Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, премиер и министер за надворешни работи на Катар.

„Предолго време Катар ги засолнуваше терористите нудејќи им на лидерите на Хамас луксузни хотели додека тие оркестрираа масакри и терористички напади. Историјата нема да биде љубезна кон соучесниците. Или Катар ќе го осуди Хамас, ќе го протера и ќе го изведе пред лицето на правдата, или Израел ќе го стори тоа“, изјави Дени Данон, амбасадор на Израел во ООН.

Во нападот за која двете страни се обвинуваат, загинаа најмалку шест лица, во момент кога лидерите на Хамас се собраа во Доха да го разгледаат предлогот на САД за прекин на огнот во Газа.