Култура

„Визуелни елоквенции“ – нова поетска книга на Лили Бошевска во издание на „Матица македонска“

12.09.2025 09:35

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави новата поетска книга на Лили Бошевска, „Визуелни елоквенции“. Станува збор за оригинален книжевно-ликовен проект – секоја од песните во книгата е во дијалог со дело од ликовната уметност, од истакнати ликовни уметници од Македонија и од светот...

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави новата поетска книга на Лили Бошевска, „Визуелни елоквенции“. Станува збор за оригинален книжевно-ликовен проект – секоја од песните во книгата е во дијалог со дело од ликовната уметност, од истакнати ликовни уметници од Македонија и од светот. Со тоа, најновото дело на Бошевска се вбројува меѓу оние што во македонскиот културен простор, експлицитно го поттикнуваат дијалогот на поезијата со другите, некнижевни форми на уметнички израз, докажувајќи дека делата од различни уметности можат едно со друго да се дополнуваат, оформувајќи ја големата слика за пораките и светот на творецот.

„Во уметноста, како и во љубовта, човек може да го даде само она што го има.“ Оваа мисла на Владислав Сштемински (1983-1952) се издвојува како носечко мото на книгата на Бошевска, што се потврдува и преку тематско-мотивските преокупации на Бошевска засведочени во песните поделени во осум циклуси. Поезијата од оваа поетска книга, покрај мултимедијалноста остварена со дијалогот со ликовната уметност, се одликува и со силни интертекстуални, пред сè хипертекстуални врски со филозофијата и со историјата на книжевноста, пред сè со митологијата, во потрагата по одговори на суштински прашања за човековото постоење.

Накусо, покрај со концептот и внатрешната архитектоника со која се издвојува како осмислена и заокружена целина со концепт, а не само како збир на песни, „Визуелни елоквенции“ се издвојува и со автентичноста на стилот на Бошевска, којшто ја претставува како поетеса-ерудит и промислувач. Значајно е да се напомене дека најголемиот дел од делата од ликовната уметност што се во дијалог со песните на Бошевска се од понов датум, при што во книгата се гради синтеза меѓу архаичното (митолошкото) со интертекстуалната врска во стиховите, колективното, индивидуалното и најсовременото, а притоа се понесува заклучокот дека Бошевска, всушност трага и успева да дојде до поетски одговори на веничните прашања за човекот, творецот и уметникот воопшто.