Засилени безбедносните мерки на два настани по убиството Чарли Кирк во Јута
Американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми безбедносните мерки на два настани по убиството Чарли Кирк во Јута. Објавени нови снимки на кои се гледа како осомничениот за атентатот бега од универзитетскиот двор. На кровот оставил отпечатоци од дланката и од патиките...

Американските власти објавија нови снимки и фотографии, на кои се гледа како осомничениот за атентатот бега од универзитетскиот двор каде беше застрелан Чарли Кирк. Сторителот трча преку кровот на училишна зграда и влегува во шума, во која подоцна е пронајдена пушката со која е убиен десничарскиот активист. На кровот оставил отпечаток од патиките и од дланката. Полицијата не знае дали осомничениот сè уште е во Јута или преминал во друга сојузна држава. Гувернерот на Јута предупреди на дезинформации кои кружат на интернет за да поттикнат насилство.
„Имаме ботови од Русија, Кина, од целиот свет кои се обидуваат да всадат дезинформации и да поттикнат насилство. Ве охрабрувам да ги игнорирате и наместо на интернет, да поминете малку повеќе време со семејствата. Повеќе ќе зборуваме во деновите и неделите што доаѓаат, но најпрвин ќе го фатиме ова лице“, изјави Спенсер Кокс, гувернер на Јута.
Федералните истражители апелираат за помош од јавноста. Отворена е телефонска линија и објавена е награда од 100.000 долари за информации што ќе доведат до идентификација и апсење на сторителот. За овој случај ќе се бара смртна казна.
„Би ја замолиле јавноста да го бара и да се обиде да го идентификува сторителот. До сега имавме одлична соработка, продолжуваме да го бараме сè додека не го најдеме“, изјави Бо Мејсон, комесар на Одделот за јавна безбедност на Јута.
Американскиот заменик-државен секретар најави дека стејт департментот ќе презеде соодветни мерки против странците во сад кои ја слават, одобруваат или се потсмеваат на смртта на Кирк.
„Странците кои глорифицираат насилство и омраза не се добредојдени посетители во нашата земја. Згрозен сум од тоа што го видов на социјалните мрежи, некои слават, одобруваат или се потсмеваат на настан и им наложив на нашите конзуларни службеници да преземат соодветни мерки“, објави Ланду на платформата ИКС.
Ковчегот на Кирк беше пренесен од Јута во Аризона. Трамп најави дека постхумно ќе му додели претседателски медал на слободата.
Катерина Бојаџиева
