Во ќелијата на Васев, кому му се суди за финансиски криминал пронајдени и одземени три мобилни телефони
Судот добил известување од затворот „Скопје“ за пронајдени и одземени три мобилни телефони во ќелијата на поранешниот директор на Онкологија Нино Васев кому му се суди за финансиски криминал. Тој пак одговори – имаше повеќе контроли, кај мене не е пронајден и не е одземен мој телефон.

Двајцата медицински и организациски директори во периодот од 2018 до 2022 година свесно и намерно постапувале спротивно на законските прописи и на своите службени овластувања истакна обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во воведниот говор. Истакна дека во текот на постапката ќе изведе материјални докази, финансиски извештаи, документација од јавни набавки и сведочење на службени лица, со кои ќе се потврди дека обвинетите не постапувале во интерес на јавната установа, туку во свој личен интерес.
„Обвинителството ќе докаже дека со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на ФЗО и со злоупотреба на службената положба, обвинетите предизвикале штета на буџетот од над 2,2 милијарди денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа, довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании. На тој начин ФЗО бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски.“, стои во соопштението од Ана Гоговска Јакимовска- ОЈО.
Одбраната на Васев и Нухи, тврди дека обвинението за случајот за несовесно работење и финансиски криминал против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на клиниката кои биле сменети од Васев.
Првообвинетиот Васев, пред судот рече дека не се чувствува виновен, дека цел живот 35 години работа на Онкологија, целта секогаш му била да се спасат човечки животи. Во однос на наводите од обвинителството дека ФЗО бил доведен во заблуда, Васев рече дека треба да се види дека онколошките тендери ги правело Министерството за здравство, а клиниката само го плаќала, укажувајќи дека одложувањето на тендерот од пет месеци во 2020 значело недостиг на лекови и терапија за пациенти.
„Јас сум директор од 2017 година и имам наследено реверс од директор што јас го имам сменето и кој е потписник на вештачењето против мене во овој случај, а второто економско вештачење е потпишано од втората економска директорка што е разрешена на мое барање поради финансиски злоупотреби. Во обвинението одземени се шест месеци од мојот мандат каде може да се види што точно сум наследил, и како е намален долгот од 35 милиони на 30 илјади. Сакам да се види како успеавме наследените долгови и недостиг на лекови да ги решиме со земање наводни реверси, за тоа да ни се земе како наводно сме направиле штета.“, изјави Васев.
Нехат Нухи, пред судот рече дека се чувствува невин и истото ќе го докаже во постапката.
„Се чувствувам невин и тоа ќе го докажам. Мојата невиност ќе произлезе како од материјалните, така и вербалните докази кои ги предлагаме и изведеме, пред сè економското материјално вештачење од кое на сите ќе им стане јасно колку пропусти има направено обвинителството и зошто сите рокови ги пробија и нивните вештачења се неточни.“, рече Нехат Нухи.
Одбраната побара од судот изземање на вешто лице на обвинителството.
Пред почетокот на судењето за случајот „Онкологија“ судијката истакна дека во ќелијата на Нино Васев се пронајдени 3 мобилни телефони, по што Нино Васев рече дека тоа не се негови телефони, направени се многу контроли и не е одземен негов телефон.
Ана Јосифоска
