„Дрисл“

Полицијата влезе во „Дрисла“, ќе испитува дали вработени или надворешни лица се вмешани во пожарот

12.09.2025 19:36

Криминалистичка полиција влезе во депонијата „Дрисла“, а увид врши и еколошка инспекција. Се истражува дали во потпалувањето на пожарот учествувале внатрешни и надворешни лица. Владата најави ригорозни мерки и одговорност доколку се утврди вина.

Криминалистичка полиција влезе во депонијата „Дрисла“ за утврдување евентуално учество однатре во подметнувањето на пожарот. Ова го соопшти првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Според него, имало најмалку три обиди за палење на депонијата, но биле навреме изгаснати.

Министерот за животна средина Изет Меџити рече дека Град Скопје е одговорен за овој проблем. Ако не може да се справи со проблемот, Министерството ќе преземе ригорозни мерки, а оттаму испратиле и еколошка инспекција.

Од Јавното претпријатие „Дрисла“ рекоа дека таа е единствената лиценцирана санитарна депонија која не гори отпад, туку го стерилизира, што значи нема можност за загадување.

„Му упатуваме повик на Министерството за внатрешни работи да започне истрага за да ги открие и санкционира потпалувачите, за кои се сомневаме дека се политички мотивирани за да го одвлечат вниманието од реалните проблеми. Депонијата „Дрисла“, без вакви намерни инциденти, нема потенцијал за загадување и функционира според највисоките стандарди“, велат од „Дрисла“.

Од Град Скопје за МТВ велат дека досега се функционирало како што треба.

„Дрисла“ е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад, туку со автоклав стерилизира и компримира, со што од неа нема никаква можност за загадување. Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко – технолошкиот проектиран процес имајќи ги предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи“, велат од Град Скопје.

Од Министерство за животна средина велат дека нема надминувања на граничните вредности за квалитетот на воздухот во Скопје.

„Според податоците на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, во периодот од 10 до 12 септември 2025 година, не се регистрирани надминувања на граничните вредности за SO₂, NO₂, CO и O₃“, соопштија од Од Министерство за животна средина.

Периодов ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и засилено полициско присуство, со цел откривање на евентуални потпалувачи.

 

Борис Грујоски