Пазар на труд

Во Куманово недостига кадар, но има и голем број невработени лица

13.09.2025 13:46

Професори по природни науки недостигаат во Куманово. Надлежните од Агенцијата за вработување апелираат младите да се образуваат по физика, математика, физичко, бидејќи работното место речиси им е гарантирано. Од друга страна голем е интересот за отворање сопствен бизнис. Најголемата општина во земјава има дури 10.000 невработени лица.

Наставници по физика, математика, физичко образование недостигаат во Куманово. Од Агенцијата за вработување апелираат младите да ги изучуваат овие дејности. Појаснуваат врз основа на анализи и потребата на пазарот, се прават квалификации и доквалификации. Миграцијата си го прави своето. Изминативе години се реализираа обуки за сметководители, електричари, фризери.

„Апел до учениците кои завршуваат средно образование да одат да студираат ова, бидејќи 90 отсто работното место ќе им биде загарантирано. На нив по физика, факултетот ќе е бесплатен и дополнително добиваат стипендии од државата. Има друг кадар, средно, медицински сестри има многу“, истакна Ндерим Јашари, раководител Агенција за вработување Куманово.

Сепак од институцијата задоволни од интересот на граѓаните за отворање сопствен бизнис. За самовработување аплицирале над 400 лица. Се отвориле салони за убавина, станбени домари, електричари, гипсари, молери.

„Фирма што е отворена од самовработување со еден вработен, сега стигна до 20-30 вработени, тоа а сериозна фирма на која државата навистина треба и помогне“, дополни Јашари.

Невработените млади кумановци покажале интерес и за мерката практикантство, одбраните веќе одат на пракса во 80 компании.

Согласно податоците бројот на невработени во Куманово се движи до 10.000 лица.

Елена Георгиевска