Туризам

Охрид испраќа уште една солидна сезона

13.09.2025 14:42

Охрид испраќа уште една солидна туристичка сезона. Иако не ги исполни очекувањата и предвидувањата на туристичките работници, сепак оценките по број на туристи и ноќевање се позитивни. Според официјалната статистика од јануари до јули 2025 година, бројот на туристи во земјава е зголемен за 10,2%.

На залезот на туристичката сезона, првите оценки покажуваат дека Охридското Езеро испраќа уште едно успешно лето. Иако не ги исполни очекувањата, во смисла на доста поголем број туристи од лани, особено во први летни месеци, август и септември ги надоместија загубите, се испишаа позитивни резултати.

Според научната фела, присутни беа гостите од Балканот и европските пазари, но треба да се работи на збогатување на понудата за задржување на туристите со подолг престој.

„Туризмот не е само спиење, не е само хотели, не се само ресторани. Ако е култура, тоа значи и Света Софија, и Самоилова, и Свети Наум. Значи, сите да разговараме и да видиме секој својот сегмент да го подобриме своето делување“, вели проф. д-р Сашо Коруноски.

Угостителскиот еснаф смета дека е потребна итна стратегија и поголеми инвестиции во туристичкиот сектор, како и освојување на нови туристички пазари.

„Ако се подобри и нашата понуда, ќе се подобри и публиката. Пак јас многу пати сум кажал треба да застане градот, државата, да се направи некоја стратегија, да се направат видни промени коишто нема да дадат успех во брзи рамки, тоа е подолг процес, меѓутоа, час поскоро, тоа треба да се направи“, вели Челик Асим, угостител.

Официјалната статистика бележи позитивни резултати, од јануари до јули годинава бројот на туристи во земјава е зголемен за 10.2%, а бројот на ноќевања за 5,5%. Најбројни се Турците, по нив Србите, потоа Полјаците и Холанѓаните.

Соња Рилковска