Совет за безбедност: Поддршка за Полска по упадот на руските дронови
Ќе го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО, порачаа САД на седницата на Советот за безбедност, свикана по упадот на руски дронови на полска територија. Москва се правда дека гаѓала цели во западна Украина и посочи дека е подготвена за разговори со Варшава за намалување на тензиите. НАТО активира источна стража на границата со Русија …

САД во Советот за безбедност на ОН порачаа дека ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО, по упадот на руски дронови во Полска. Американската претставничка оцени дека инцидентот претставува алармантно кршење на воздушниот простор.
„Соединетите Американски Држави стојат цврсто зад нашите НАТО-сојузници пред овие вознемирувачки нарушувања на воздушниот простор. САД се консултираат со Полска и другите НАТО-сојузници согласно член 4 од Северноатлантскиот договор, и бидете сигурни — ќе ја одбраниме секоја педа од територијата на НАТО“, изјави Дороти Ши, претставник на САД во ОН.
Полска соопшти дека соборените дронови не биле грешка, покажувајќи докази за нивното руско потекло. Москва тврди дека не целела кон полски мети и дека дометот на дронови не дозволувал да стигнат до Полска.
„Знаеме дека тоа не беше грешка. Руските претставници постојано ги обвинуваат другите, пред сè Украина и нејзините сојузници за нападите со дронови, но токму Русија ги користи овие оружја против цивили. Последните настани во Полска уште еднаш докажуваат дека секое руско обвинување на крајот се претвора во признание“, изјави Марчин Босацки, државен секретар на Полска.
„Немаше цели означени на полска територија. Максималниот дострел на дроновите користени во овој напад не надминува 700 километри, што го прави физички невозможно тие да ја достигнат полската територија“, тврди Василиј Небензија, претставник на Русија во ОН.
Претставникот на Украина во Обединетите нации го предупреди Советот за безбедност дека Русија нема да запре со Полска.
„Тоа беше свесна одлука на Русија да премине уште една црвена линија и да го тестира нашето трпение-трпението на меѓународната заедница. Ако оваа ескалација остане без решителна реакција, Русија нема да застане со Полска. Утре тоа може да бидат дронови или дури и ракети што ќе паѓаат врз Берлин, Париз или Лондон, а задутре, којзнае каде“, рече Андриј Мелник, претставник на Украина во ОН.
Загриженост за случајот изразија и други земји во Советот за безбедност, а 43 држави усвоија заедничка изјава со барање Русија да ја прекине агресијата врз Украина. НАТО, пак, соопшти дека ја зајакнува одбраната на својот источен дел по упадот во полскиот воздушен простор, што ги зголеми тензиите.
Катерина Бојаџиева
