Македонија

Продолжува затрупувањето на „Дрисла“, жителите на Батинци најмногу го чувствуваат загадувањето

13.09.2025 16:45

Механизација ја затрупува критичната точка на „Дрисла“ голема колку фудбалско игралиште. Горење нема, чадењето од депонијата денеска е намалено, но сè уште присутно. На терен интервенираа камиони, багери и булдожери…

Загадувањето на воздухот предизвикано од „Дрисла“ го чувствува цело Скопје, но најкритично е во село Батинци, кое е во непосредна близина на депонијата.

Дел од жителите на селото Батинци низ солзи раскажуваат за здравствените проблеми што со години им ги предизвикува депонијата. Велат, здравјето ни е нарушено, а селото се запусти. Земјоделството и сточарството овде се одамна заборавени поими.

Жителите велат, во оваа река која денес има токсична црна вода, некогаш имаше вода исправна за пиење.

Продолжи затрупувањето на опожарениот дел од Дрисла, што сè уште чади. На терен ангажирани камиони, багери, булдожери и возила на противпожарната единица.

Полицијата потврди дека одзела документација од „Депонија Дрисла“ и извршила разговори со вработените. Проверките продолжуваат поради сомнежот за намерно потпалување. Миризбата од чадот од „Дрисла“ со денови се чувствува во главниот град.

Марија Котовска