Пожарот во Трубарево е под контрола, се очекуваат резултатите од мерењата
За да се елиминира опасноста од загаденоста на воздухот на жителите што се најблиску до жариштето, надлежните доцна синоќа препорачаа да ги напуштат домовите и им се ставени на располагање сместувачки капацитети во Центарот за обука во Идризово...

Локализиран пожарот во Трубарево, кој настана во пренаменета штала која се користела за складирање електронски отпад. Се гаснеше со песок, противпожарните екипи со часови се бореа со огнената стихија. Од воздух се гаснеше со два хеликоптери и ер-трактор.
За да се елиминира опасноста од загаденоста на воздухот на жителите што се најблиску до жариштето, надлежните доцна синоќа препорачаа да ги напуштат домовите и им се ставени на располагање сместувачки капацитети во Центарот за обука во Идризово.
„Дирекцијата за радијациска сигурност утврдила дека нема радијациско зрачење, додека АБХО единицата на Министерството за одбрана констатирала дека во непосредна близина има висока концентрација на штетни супстанции на 150 метри од жариштето. На 200 метри загаденоста е ниска, а на 400 метри не е евидентирано загадување“, изјави на вонредната прес-конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Додаде дека во полициска станица се вршат разговори со три лица, сопственици или управители на предметниот објект. Оперативните активности за расчистување на настанот продолжуваат во координација со јавен обвинител, соопшти Тошковски.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Ангелов се работи за хибриден напад.
„Ова е мој личен став, бидејќи од 1991 година сум во безбедносниот систем на државата, е последица на тоа дека ние сме цел на хибриден напад. Истовремено сме нападнати со повеќе пожари. Ќе ве потсетам дека денеска изби пожарот во една семенара, каде исто така имало пластичен отпад, можеби имало и гајби и истовремено се појави и овој пожар во Трубарево. Кажете ми колкава е можнсота за два истовремени сериозни пожари додека ние ја затрупуваме Дрисла и сè уште работиме во Вардариште“, изјави на вонредната прес-конференција директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити доцна ноќеска го посетил местото на пожарот во Трубарево.
„Денешниот пожар во објектот за рециклирање на батерии и електронски отпад, со право предизвика загриженост кај сите нас. Од 14:00 часот, инспекторите се на терен и вршат мерења на квалитетот на воздухот. Првите резултати од Државниот инспекторат и од специјализираните лаборатории се очекуваат многу наскоро. Тие ќе бидат јавно достапни веднаш по нивната обработка. До тогаш, ве повикувам сите да ги почитувате препораките на Министерството за заштита на вашето здравје и безбедност“, изјави Меџити, нагласувајќи дека компанијата поседува важечка десетгодишна дозвола за работа, издадена во 2021 година.
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека досега нема ниеден хоспитализиран пациент како последица од пожарот.
Досега немаме информации дека загаденоста е на ниво за да не може да се излезе надвор. Од акредитирана институција е земен материјал и до понеделник ќе имаме официјални резултати и најверојатно на прес-конференција ќе известиме за структурата на воздухот во овој момент, рече Алиу.
