Пожарот во Трубарево изгаснат, останува силно чадење
Пожарот што вчера ја зафати фабриката за преработка на отпад во Трубарево е изгаснат, но на терен сè уште има силно чадење кое пробива низ земјата и песокот со кој се затрупани дел од материјалите, соопшти директорот на ДЗС, Ангелов...

Пожарот што вчера ја зафати фабриката за преработка на отпад во Трубарево е изгаснат, но на терен сè уште има силно чадење кое пробива низ земјата и песокот со кој се затрупани дел од материјалите, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој истакна дека благодарение на брзата и организирана интервенција на скопските пожарникари, биле спасени четири објекти во непосредна близина на пеплосаните хали на „Групација-Ф“.
„Се работи за бали со пластичен отпад, шишиња и друг електронски материјал. Иако пожарот е изгаснат, чадењето и натаму е силно, бидејќи ваков отпад е исклучително тежок за гасење. Пожарникарите работеа цела ноќ и продолжуваат со навлажнување на песокот и земјата“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека околу 2.30 часот утринава била пријавена нова појава на пламен на депонијата „Дрисла“. По интервенцијата на скопската бригада, огнот бил локализиран и спречено е негово проширување.
„Состојбата на Дрисла сега е стабилна, а затрупувањето на жариштата продолжува. Дел од механизацијата беше пренасочена во Трубарево за справување со големиот пожар“, рече директорот на ДЗС.
