Здравство

Почетокот на школската година ги наполни амбулантите

14.09.2025 11:24

Почетокот на школската година и променливото време го зголеми бројот на болни деца, особено оние со послаб имунитет …

Настинки, вируси, инфекции на респираторен систем, болно грло и варичела се најчестите причини за кои родителите бараат помош од матичните лекари во овој период од годината. Разболувањето на учениците не треба да создава паника, тоа е и еден од начините за зајакнување на имунитетот-велат докторите. Школските и децата во градинките сосема нормално е да се разболуваат шест до седум пати во годината.

Со враќањето во училишните клупи, каде во затворен простор поголем број деца поминуваат подолго време заедно – вообичаено е вирусите и заразните заболувања да преминат од едно на друго дете. Најдобар начин да се заштитат е навремената вакцинација, но и дополнителен внес на суплементи за зајакнување на имунитетот, сметаат граѓаните.

Здрава и балансирана исхрана, поголем внес на течности, физичка активност, како и редовна хигиена на рацете се препораките на докторите. Доколку е потребно да се земаат и суплементи, но исклучиво со препорака од лекар.

Александра Максимовска