Блиски исток

Сè поголем број луѓе ја напуштаат Газа, Израел продолжува со офанзивата

14.09.2025 12:48

Обединетите нации предупредуваат на тешка хуманитарна криза – недостиг на храна, лекови и недостапност на засолништа. Околу 100.000 лица заминале изминатиот месец, но многумина остануваат поради сиромаштија или страв дека никаде не е безбедно.

Расте бројот на луѓе што го напуштаат градот Газа, откако израелската армија ги повика жителите да се евакуираат кон јужниот дел на енклавата. Израел продолжува со офанзивата. Обединетите нации предупредуваат на тешка хуманитарна криза – недостиг на храна, лекови и недостапност на засолништа. Околу 100.000 лица заминале изминатиот месец, но многумина остануваат поради сиромаштија или страв дека никаде не е безбедно.

„Ситуацијата е многу тешка. Нема лекови, нема безбедност. До кога вака ќе живееме? Веќе две години има војна“, вели Манал Ејада, раселена Палестинка.

„Ова не е живот. Одиме пеш. Не можеме да пренесеме мебел, ниту облека. Досега имам изодено 15 километри. Со автомобил за толку километри би застанал двапати да одмориш. Без храна и без вода сме, без ништо“, изјави Маџди Хафарна, бегалец од Беит Ханун.

„Одиме кон непознатото. Моравме да заминеме за да се спасиме ние и нашите деца. Никогаш не помисливме дека вакво нешто ќе ни се случи“, вели Емтијаз Салех, раселена Палестинка од градот Газа.

Американскиот државен секретар Рубио пристигна во Тел Авив по нападот на Израел врз Катар. Пред да замине од САД, изјави дека претседателот Трамп е незадоволен од нападот, но дека инцидентот нема да ја промени врската со Израел. Според Стејт Департментот, Рубио е во Израел за да ги пренесе приоритетите на САД во конфликтот меѓу Израел и Хамас и пошироките прашања поврзани со безбедноста на Блискиот исток.

Во меѓувреме, министерството за здравство на Газа објави дека бројот на загинати достигнал околу 65.000 луѓе, од кои половина се жени и деца. Раселени се околу 90% од жителите на Газа. Семејствата на заложниците кои сè уште се држат во Газа бараат прекин на офанзивата, загрижени за животот на нивните најблиски.

Катерина Бојаџиева