Регион

Протести: Во Србија над 140.000 луѓе на улица

14.09.2025 14:52

Поддржувачите на Вучиќ во 130 места одржуваат митинзи со порака дека се против блокади, истовремено противниците на политиката на Вучиќ, работниците, синдикатите во сојуз со студентите на Славија организираат митинг против политиката на Вучиќ.

Во Србија и викендов поделби и нови протести. Поддржувачите на Вучиќ во 130 места одржуваат митинзи со порака дека се против блокади, истовремено противниците на политиката на Вучиќ, работниците, синдикатите во сојуз со студентите на Славија организираат митинг против политиката на Вучиќ.

Организаторите порачаа дека се противат на приватизацијата на јавните претпријатија како Електростопанство на Србија, Железница на Србија, Поштата и на други заради изградба на ЕХПО.

„Протестот е заеднички со студентите оти работниците, синдикатите и студентите сакаат просперитет, сакаме да ја тргнеме власта на СНС и да живееме и работиме како треба“, изјави Горан Стефановиќ, претседател на синдикатот „Правда“.

Протестното шетање на повеќе илјади граѓани низ центарот на Белград од Славија до Владата на Србија, беше без инциденти.

Митинзите што се одржуваат во исто време од поддржувачите на Вучиќ се обид за поделба на Србија на „ние и оние“ и тоа е само еден од начините да се „убијат“ било какви смислени иницијативи, оти штом има поделби има и насилство, а тоа не е нешто што ние го сакаме и се залагаме, ние сакаме праведна и достоинствена Србија“, вели студент на Филозофскиот факултет.

Истовремено во 130 места со учество на 144.000 лица беа одржани протести на граѓаните што се противат на блокадите и поддржувачи на Вучиќ. Во Белград беа и самиот претседател Вучиќ со премиерот Мацут и министерот Дачиќ.

„Нормалност е ние да разговараме и да се помириме со нашите сестри и браќа, и оние што не разбираат да разберат дека Шарената револуција е пропадната, дека народот победи, и дека сите сега треба да се обединиме и да туркаме напред“, изјави претседателот Вучиќ.

На паралелните контрамитинзи на студентите и граѓаните во Белград, Нови Сад, Чачак, Горни Милановац, Ниш дојде до помали инциденти каде интервенираше полицијата.

Во својата последна изјава претседателот Вучиќ кажа дека предвремените парламентарни избори се можни во април, мај или на крајот на 2026. Белград истовремено деновиве е блокиран и од стотици тенкови, борбени возила и други воени средства како подготовка за големата воена парада што ќе се одржи следниот викенд.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ