Култура

Наградата „Ристо Шишков“ за Билјана Драгичевиќ-Пројковска

14.09.2025 10:55

Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета, ќе и биде врачена дополнително.

Билјана Драгичевиќ-Пројковска ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 33-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој синоќа заврши во Струмица. Наградата ја доби за улогата на Корин Фел во претставата „Гидеоновиот јазол“ од Џона Адамс, во изведба на Драмски театар од Скопје.

Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета, ќе и биде врачена дополнително.

Покрај главната награда, жири комисијата одлучи да додели и специјална награда за најдобра претстава на Фестивалот – на „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на Мартин Мирчевски, а во изведба на Народниот театар од Битола.

Завесата на годинашното фестивалско издание ја спуштија актерите од велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“ со претставата „Мајка“ од Флоријан Зелер, во режија на Јордан Витанов, која беше и последна претстава во официјална конкуренција.