Земени мостри за испитување присуство на тешки метали, резултатите најрано утре
Избувнувањето на повеќе пожари во исто време не е случајност, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување. Критичните точки се затрупуваат со песок. Инспекторатот за животна средина информираше дека се земени примероци за да се испита загадување со тешки метали. Резултатите, најрано утре …

По стравотниот пожар во Трубарево се анализираат земените мостри за загаденоста на воздухот и почвата. Покрај Инспекторатот за животна средина, во мерењата и анализите вклучени и надворешни лаборатории кои треба да дадат одговор, каква е загаденоста со тешки метали бидејќи гореа литиумски батерии.
Првичните резултати се очекуваат најрано в понеделник. Покрај почвата ќе се анализираат и бунарите, односно подземните води, со оглед дека во регионот има ниви со насади. Од ДИЖС открија дека е земена и документацијата од фирмата која работела со електронски и пластичен отпад. Дневниците за евиденција, доколку се уредно водени треба да откријат колкава количина отпад со литиум е изгорена во пожарот.
Првиот оперативец на Дирекцијата за заштита и спасување рече дека првпат се соочува со ваков тип на пожар и од непроценливо значење било укажувањето дека отпадот со литиум најдобро би било да се затрупа со песок.
Ангелов не верува во случајности, бидејќи за неколку дена избувнаа повеќе пожари, а пред во Трубарево, горела и семенарна во Кисела Вода каде имало пластични гајби. Огнот во отпадот за електронски уреди развил температура од 500 целзиусови степени.
Дека материјалите што гореа може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми укажува и фактот што кризното тело повика жителите од регионот да се евакуираат, за што во Центарот за обука во Идризово беа обезбедени 450 легла, но ниту еден не отишол таму.
Јавноста ги очекува резултатите од исклучително важните мерења за загаденоста на воздухот, почвата и водата.
Миле А. Ристески
