Премиерот гледа диверзија, СДСМ потфрлање на системот
Премиерот Мицкоски денеска беше на терен во Трубарево. Испрати смирувачка порака дека ситуацијата е целосно под контрола, но предупреди дека центри на моќ, во државата и надвор од неа прават диверзии. Опозицијата, пак, ја критикува власта дека системот целосно потфрлил. Во партиските обвинувања, најгласно она за улогата на министерот за животна средина Меџити, кој тераше партиска кампања додека траеше борбата со огнената стихија…

Очигледно е дека некој има интерес од ваквата ситуација во државата со пожарите, но тие луѓе кои го прават ова, ќе бидат поразени. Премиерот Мицкоски со порака од Трубарево каде што изгоре складиште за електронски отпад. Според шефот на Владата вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат.
„Вакви подметнувања и диверзии ќе има. Затоа што има центри на моќ кои не сакаат оваа влада да успее. Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да лешинарат, а ние ќе продолжиме да се бориме и на крај ќе победиме“, изјави премиерот Мицкоски.
Лидерот на СДСМ Филипче повика на сите жители на Трубарево да им се овозможи медицински преглед. Смета дека е потребно и зголемување на безбедносната зона, лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата и транспарентна истрага. СДСМ го впери прстот кон актуелната власт. Ја обвини дека потфрлила во справувањето со пожарот.
Министерот за животна средина негира дека додека гореше во Трубарево, терал партиска кампања. Меџити посочи дека како министер не е дел од управувачкиот комитет за справување со кризи и дека цело време бил во координација со владиниот кризен штаб и инспекторатот за животна средина.
Во време кога Скопје мирисаше на изгорена пластика, на батерии и електронски отпад, а граѓаните стравуваа за сопственото здравје, на Изет Меџити му беше најважно да пренесува во живо партиски настан во Чаир, како ништо да не се случува, реагираа од ДУИ. Од Мала Речица го обвинија Меџити дека не покажал грам одговорност кон целата ситуација и кон позицијата којашто му е доверена. Власта свесно измислува виновници за да ја прикрие својата неспособност, велат од ДУИ.
Милчо Велески
