Македонија

Четворица, меѓу кои и првиот човек на ЦУК завршија на Токсикологија по пожарот во Трубарево

14.09.2025 16:33

Горењето електронски отпад ослободува отровни гасови кои можат сериозно да го загрозат здравјето на луѓето, алармираат лекарите. Четворица, меѓу кои и првиот човек на Центарот за управување со кризи завршија на Токсикологија. Една жена од Трубарево е задржана на клиниката. Децата од околните места од утре ќе следат онлајн настава…

Никој не е имун на загаденоста од црните облаци што ја прекрија метрополата по пожарот во Трубарево. Најизложени локалните жители и тимовите за интервенција – четворица по бурната ноќ на борба со огнената стихија завршија на токсикологија. Меѓу нив е и првиот човек на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.

Четири лица завршија на токсикологија по пожарот во Трубарево. Тројца од нив се амбулантски згрижени, а едно лице е хоспитализирано. Се работи за повозрасна жена со коморбидитети којашто е жител на Трубарево.

Жителите на Трубарево од критичниот безбедносен периметар од 400 метри евакуирани – учениците во околните училишта, една недела наставата ќе ја следат онлајн.

Во моментов нема отстапување од нормалните параметри што се однесуваат за радиоактивност во воздухот, смируваат од Институтот за јавно здравје. И дел од експертите од областа на иста линија.

Загадениот воздух штетно влијае на сите граѓани, но, особено на удар се децата, бремените жени и хронично болните.

Загадениот воздух предизвикува проблеми од дишните патишта, влијае врз имунолошкиот систем, централниот нервен систем и кардиоваскуларниот систем, предупредуваат лекарите.

Ана Јосифоска