Украинските војници напредуваат на фронтот, нападната руската нафтена индустрија
Војните секогаш се голем предизвик за демократијата. Актуелната состојба во Украина и натаму влева неизвесност на европско тло. Украинските власти уверуваат дека имаат напредок на фронтот додека Русија спроведува воена вежба во близина на границата со Полска. Омразата меѓу Зеленски и Путин ги отежнува преговорите, став на шефот на Белата куќа. По Полска и Романија пријави нарушување на воздушниот простор со дронови...

Украинските војници напредуваат на фронтот. Руските сили претрпеле значителни загуби во регионите Донецк и Харков. Нападната рафинерија за нафта. Зеленски нагласи дека Киев продолжува да го проширува опсегот на оружје што го произведува и користи.
„Најефикасните санкции – оние што дејствуваат најбрзо – се пожарите во руските рафинерии за нафта, нејзините терминали, магацините. Значително ја ограничивме руската нафтена индустрија, а тоа значително ја ограничува војната. Руската војна е во суштина функција на нафтата, гасот и сите други енергетски ресурси“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Омразата меѓу Зеленски и Путин ги отежнува преговорите и е неразбирлива, став на шефот на Белата Куќа. Трамп повтори дека е подготвен да воведе санкции врз Москва, но Европа мора да направи повеќе, вклучително и да престане да купува нафта од Русија.
„Европа, тие се мои пријатели, но тие купуваат нафта од Русија. Не сакам тие да купуваат нафта. А санкциите што ги воведуваат не се доволно строги. И јас сум спремен да воведам санкции, но тие ќе мора да ги заострат своите санкции соодветно на она што го правам“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Расте загриженоста за акциите на Кремљ. Упад со дрон ја вознемири Романија. Романското МНР со протестна нота до рускиот амбасадор. Според Москва, станува збор за украинска провокација. Литванија исто така истражува дали руски дронови го нарушиле нејзиниот воздушен простор во исто време кога Полска пријави 19 дронови на своето небо. Во исклучително тензични услови, Путин распоредени нуклеарни бомбардери на границата со Полска во рамки на четиридневните вежби „Запад-2025“ со Белорусија.
„На оваа вежба присуствуваат претставници од околу 23 држави, вклучувајќи тројца претставници на земјите-членки на НАТО, 17 претставници на воено-дипломатскиот кор, претставник на Центарот за спречување на конфликти на ОБСЕ, кој пристигна со лична дозвола од генералниот секретар на ОБСЕ. Овие вежби се отворени. Ние не претставуваме закана за никого. Ние сме за градење конструктивен и прагматичен дијалог“, изјави Генерал-мајор Валериј Ревенко, раководител на Одделот за меѓународна воена соработка во Белорусија.
Полска ја затвори својата граница со Белорусија. Советот за безбедност на ООН предупреди за зголемен ризик од нова светска војна. Генералниот секретар на НАТО Руте, изјави дека воените активности во рамките на операцијата Источна гарда ќе почнат во наредните денови и ќе вклучуваат средства од Велика Британија, Франција и Германија и сојузниците.
Маријана Димовска
