Култура

Универзална сала во свое руво, со модерна техника

15.09.2025 16:28

Пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје.

Универзалната, од култно значење сала за скопјани ќе остане во своето препознатливо руво, поради колективната меморија, велат од ресорното министерство. Но ќе има модерен ентериер со капацитет од 1.200 седишта, подобрена акустика и најсовремени техничко-технолошки системи. Министерот Љутков посочува дека не се работи само за објектот туку за инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје. Очекува дека изведувачот ќе биде избран до октомври кога ќе може да почне да ги изведува работите.

Според проектантот Муча салата ќе добие нова, сценска механика, лед-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации, како и современи материјали во ентериерот и екстериерот. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а околината ќе добие ново партерно и хортикултурно уредување ќе има и решенија за евакуација од пожари, канцеларии за менаџерскиот тим на местото на малата сала, а звукот од салата нема да ги вознемирува жителите.

Универзална сала е добиена како подарок од неколку нации после земјотресот, во неа неколку децении беа одржувани многу значајни музички настани со кои скопјани културно се идентификуваат.

 

Фиљана Кока