Куманово

Осуммина кандидати за градоначалник на Куманово

15.09.2025 16:03

Куманово со осуммина кандидати за градоначалник за претстојните локални избори. Од нив двајца настапуваат како независни. Поднесени се и 14 листи на кандидати за советници. Општинската изборна комисија ја проверува документацијата, по што ДИК треба да ги потврди кандидатурите …

Осуммина кандидати во трката за градоначалник во најголемата општина во земјава, доколку државната изборна комисија ги потврди нивните листи. Кумановци би требало да одлучуваат за актуелниот градоначалник Максим Димитриевски како претставник на ЗНАМ. На СДСМ боите ќе ги брани Мартин Костовски, од Левица Мирослав Петковиќ, коалицијата на Влен Арбен Етеми, Искуство за успех Виолета Арсовска, Национална Алијанса за интеграција Селвер Ајдини и како независни ќе настапат Горан Стојковски и Нинослав Јакимовски. За кандидати за членови на советот на Општина Куманово се поднесени 14 листи, од кои две од група избирачи.

„Ги подготвуваме, прегледуваме треба да дадеме потврди за листите за советници и градоначалници. Доколку има недостатоци ги известуваме тие имаат рок од 48 часа да поднесат правилности и ние ја потврдуваме листата“, истакна Кристина Цветковска, претседателка ОИК Куманово.

Сè уште не е утврден бројот на избирачи во Куманово, односно на лицата коишто ќе имаат право на глас.

На претстојните локални избори правото на глас ќе се реализира на 167 избирачки места.

Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19-ти октомври. Изборната кампања официјално ќе започне 20 дена пред денот на гласање.

Елена Георгиевска