Министерство за животна средина

Инспекторите не забележале неправилности, отпадот имал валидна дозвола

15.09.2025 17:13

Извршени неколку контроли од Инспекторатот за животна средина и не биле констатирани неправилности, но останува да видиме што ќе покаже истрагата...

Валидна е дозволата на компанијата за управување со отпад во Трубарево во која избувна пожарот, била издадена во мај 2021, а важи до мај следната година-велат од Секторот за отпад при Министерството за животна средина. Во меѓувреме биле извршени неколку контроли од Инспекторатот за животна средина и не биле констатирани неправилности, но останува да видиме што ќе покаже истрагата. Во отпадот во Трубарево се складирале електронски отпад, батерии, тонери, дел се извезувал во Хрватска и во Бугарија. Во земјава има 30 активни отпади, од кои два преработувачки.

Сопствениците на компаниите кои управуваат со отпад се сомневаат дека се подметнати пожарите, бидејќи години наназад немало, а сега зачестија. Велат дека имаат 24-часовен надзор и хидранти, така што мала е веројатноста сами од себе да горат.

Сопствениците на компании за управување со отпад треба да исполнуваат неколку услови: локацијата да е надвор од населено местото, на површина над 1.000 квадратни метри, да водат евиденција каков отпад складираат и да поседуваат опрема за контролирање и намалување на загадувањето.

Надлежните најавуваат контроли на сите компании кои управуваат со отпад.

 

Александра Велинова