Израел

Израелските сили уништија најмалку 30 станбени згради во градот Газа

15.09.2025 18:01

Државниот секретар Рубио беше во посета на Израел во момент кога земјата ги интензивираше нападите врз северна Газа, срамнувајќи со земја повеќе висококатници. Посетата на Рубио се одржа и покрај негодувањето на претседателот Трамп кон Нетанјаху поради израелскиот напад во Доха, за кој рече дека САД не биле однапред известени...

Нема да има мир во Газа без елиминација на Хамас и ослободување на сите заложници, порачаа американскиот државен секретар и израелскиот премиер на заедничката прес-конференција во Ерусалим.

„Ставот на претседателот за тековната состојба во Газа е јасен-секој заложник, и жив и починат, мора веднаш да се врати дома. Хамас повеќе не може да постои како вооружена сила што ја загрозува безбедноста и мирот – не само на Израел, туку и на целиот свет. Претседателот останува цврсто посветен на оваа цел“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

„Ја цениме целата помош што вие и претседателот Трамп ни ја давате во оваа задача. Знаеме дека мора да ги поразиме Хамас и да бидеме сигурни дека веќе нема да ја претвораат Газа во закана за Израел. Вашето присуство тука е јасна порака дека Америка стои со Израел во борбата против теророт“, изјави Нетанјаху, премиер на Израел.

Катарскиот премиер со осуда за Израел за време на состанокот на министрите за надворешни работи од арапските земји.

„Време е Меѓународната заедница да престане да применува двојни стандарди и да го казни Израел за сите злосторства што ги изврши“, изјави Шеик Мохамед Бин Абдулрахман Ал тани, премиер на Катар.

Во меѓувреме, Израел ги интензивираше нападите врз северна Газа, срамнувајќи со земја повеќе висококатници. Според проценките, досега повеќе од 320.000 Палестинци се евакуирани од градот Газа во други делови од Појасот, а околу 20.000 луѓе го напуштиле градот преку ноќ.

„Две години глад, убивање, бомбардирање, страдање. Ситуацијата е многу лоша. Се молиме војната да заврши што побрзо“, изјави Маџид Јусуф, раселено лице од градот Газа.

„На мажите им се ампутирани екстремитетите, жените станаа вдовици, а нашите деца останаа сирачиња. Животите ни се претворија во пекол“, изјави Ашраф Елван, раселено лице од градот Газа.

Советот за човекови права на ОН утре ќе одржи итна дебата за неодамнешната воена агресија на Израел, откако минатата недела нападна цели во Доха каде што престојуваа лидерите на Хамас.

 

Катерина Бојаџиева