Политика

Продолжуваат партиските обвинувања за пожарот во Трубарево

15.09.2025 17:02

Власта не може да ја контролира состојбата-опозицијата бара оставка од Тошковски и Алиу. Продолжуваат партиските обвинувања...

Не видовме решенија за 15 месеци, вели Филипче и побара оставки од министрите за здравство Алиу и внатрешни работи и Тошковски поради несоодветното справување со пожарот во депонијата во Трубарево и загрозувањето на здравјето на граѓаните. Тој предлага мерење на загаденоста на почвата и водата во поширокиот регион на Трубарево, но и да се прегледа колку од фирмите кои работат со отпад имаат лиценци и од каде се отпад се увезува во земјава.

Пред да се осмели да зборува за кое било прашање, Венко Филипче е должен јавно да објасни: зошто за модуларната болница, наместо Министерството за локална самоуправа кое требало да ја спроведе постапката, токму тој лично го презеде и реализираше тендерот? – велат во ВМРО-ДПМНЕ.

„Зошто министерот за локална одбил да го потпише договорот и да ја спроведе процедурата што му ја наметнувале тој и Зоран Заев? Зошто тогаш постапката ја презел и ја туркал токму Филипче? Сè додека не даде јасен и издржан одговор на ова прашање, Филипче нема никаков кредибилитет да зборува за било што“, стои во соопштението од ВМРО.

По избувнувањето на пожарот во Трубарево, министерот за животна средина, Изет Меџити, остана невидлив и неодговорен пред кризата“, велат од ДУИ.

„Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност“, рекоа од ДУИ.

Дволичноста нема граници. Каде бевте кога Скопје секоја година излегуваше на листите на најзагадените градови во светот со неколку ваши министри за животна средина? – реплицираат во „Вреди“.

„Депониите се создаваа додека вие купувавте трговски центри, нафтен бизнис и централи со фотоволтаици. Депониите околу Скопје, во Тетово, во Кичево и во Струга се наследство од времето на ДУИ, изјавија од „Вреди“.

И додека партиите предизборно се препукуваат кој е виновен за состојбите граѓаните се во очекување на резултатите од мерењата за загаденоста на воздухот водата и почвата.

 

Миле А. Ристески