Средба Поповски – Ринкевичс: Политичките односи меѓу Македонија и Летонија се исклучително пријателски

25.08.2014 15:39

Министрите за надворешни работи на Република Македонија и Латвија, Никола Попоски и Едгарс Ринкевичс по денешната средба во Охрид истакнаа дека односите помеѓу двете земји се исклучително пријателски и дека се отворени сите можности за интензивирање на соработката. Македонија како што беше речено не е дел од НАТО само поради блокадата од Грција заради проблемот со името,а тоа е и причината што се одлага и почетокот на преговорите со ЕУ.

Атина нема никаква намера сериозно да се занимава со активности за надминување на недоразбирањата околу името поради што во наредните 12 месеци наша цел ќе биде да направиме што е можно повеќе на нашата европска агенда во делот што исклучиво зависи од нас, а тоа се реформите. Ова по средбата со својот колега од Латвија го рече министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, посочувајќи дека Латвија е наш силен подржувач во евроатланските аспирации, која во првата половина од наредната година ќе претседава со ЕУ, период кога со доаѓањето на новата комисија ќе се носат значајни одлуки.

„Анализата на практично сите со кои разговаравме и кои имаат тежина во делот на носење на одлуки на ниво на ЕУ е дека Грција нема никаков политички интерес да дозволи Република Македонија да ги почне преговорите заради внатрешни политички констелации и поради предизвиците во економскиот дел и во исто време нема никаква намера сериозно да се занимава со надминување на разликата околу името„ рече Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија.

Шефот на латвиската дипломатија,Едгарс Ринкевичс рече дека неговата земја од блиску ќе работи во насока на поддржување на агендата за проширување на Унијата и зачленувањето на Македонија во НАТО.

„Во однос на НАТО-самитот во Кардиф можам да ви потврдам дека дефинитивно нема да има одлука за проширување и тоа воопшто нема да биде на агендата,но ќе го искористиме тој самит да направиме еден состанок на министрите за надворешни работи на сите земји членки,каде што ќе се обидеме да го договориме натамошниот процес и би го подготвиле идното членство на земјите аспирантки.Во однос на Македонија мислам дека одлука на НАТО веќе постои,но таа се разбира зависи од прашањето за името“, рече Едгарс Ринкевичс-министер за надворешни работи на Латвија

Добрите билатерални односи помеѓу Република Македонија и Латвија беа потврдени и при средбите што Ринкевичс ги имаше со премиерот Никола Груевски и Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Сашо Нелоски