По пожарот во Трубарево

Се проверува загадувањето на животната средина

15.09.2025 17:44

Откако пожарот е ставен под контрола, најважно е да се утврди што има во почвата и водата во Трубарево. Пет надлежни институции ќе вршат проверки, од различни аспекти. Ќе утврдуваат дали има тешки метали. Мостри се земени од површините во околината, но и од чешмите и бунарите во куќите во близина до засегнатото подрачје.

Во една од лабораториите на Земјоделскиот факултет во Скопје во тек е анализа на составот на почва, PH-вредноста, но и загаденоста. Има ли тешки метали во почвата во Трубарево, ќе испитуваат стручњаците. Деканот Миле Маркоски за МТВ вели, штетата е направена, сега треба да се заштити здравјето на граѓаните.

Треба да се направи сеопфатна анализа, не само да се гледа еден параметар, туку сите да се вкрстат и доколку има загадување, да се дадат препораки за санација.

Но, додека да се добијат резултатите се препорачува да не се консумираат земјоделските производи од подрачјето на Трубарево и блиската околина.

Според долгогодишното искуство на Маркоски, простор за паника нема, доколку има загадување на почвата со брзо дејствување може да се спречи отровите да не поминат во внатрешноста. Но, што и како ќе треба да се преземе ќе може да се каже откако ќе се видат бројките на мерните инструменти.

Наташа Јанчиќ-Менковски