Лекарска помош за присутните во близина на пожарот
13 лица кои биле присутни за време на пожарот побарале лекарска помош, информираат од Министерството за здравство. Жената која е хоспитализирана е во подобра здравствена состојба…

13 интервенции на Итната помош се извршени по пожарот во Трубарево, а од нив само едно лице е пренесено на Клиниката за токсикологија, информираат од Министерството за здравство.
„Министерството за здравство ја следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици. Воедно, кризниот штаб кој веднаш, како министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите“, се вели во соопштението на ресорниот министер, Азир Алиу.
Од Клиниката за токсикологија информираат дека хоспитализираната пациентка е во стабилна клиничка состојба. Објаснуваат дека станува збор за пациентка со хроничен бронхит која во времето на пожарот, седум часа била во надворешна средина, по што следела појава на респираторни, невролошки и гастро-интестинални тегоби. Со здравствени проблеми по пожарот, на токсикологија се јавиле и уште три лица, но тие се третирани амбулантски и не се задржани на болничко лекување, вели за Македонската телевизија, д-р Жанина Перевска.
Од Клиниката за токсикологија апелираат до граѓаните кои живеат близу опожарениот објект, да избегнуваат поголема активност во надворешна средина, а доколку е неопходно да се надвор и блиску до местото на пожарот, да користат заштитна опрема.
А по извршените мерење од Институтот за јавно здравје, не се констатирани отстапувања од стандардните референтни вредности кои укажуваат на присутност на радијација во воздухот.
Марија Котовска
